ЗА ДА ЈА СЛАВИ МУЗИКАТА, БРИТАНИЈА ЌЕ ДОБИЕ НАЦИОНАЛЕН ДЕН НА АЛБУМИ

Лондон, (Ројтерс)

Велика Британија наесен ќе го одбележи својот прв Национален ден на албуми, настан за кој организаторите очекуваат да стане традиционален, за да му се оддава почит на овој формат на музика.

Планирано е на 13 октомври музичките фанови низ целата земја да оддадат почит на пејачи, композитори, продуценти и на дизајнери на омоти преку низа настани, организирани од музичката индустрија и од „Би-Би-Си мјузик“, со цел да се „слават сите аспекти на љубовта на Британците кон албумите“. Фановите, исто така, се замолени тој ден да ги слушаат своите омилени албуми.

„Стримањето, можеби, ја прошири нашата можност да откриваме и пристапуваме до нова музика. И покрај тоа, концептот на албум како уметничко дело кое ја изразува креативната визија на уметникот во дадениот момент останува релевантен и инспиративен како секогаш“, вели Џеф Тејлор, извршниот шеф на Британската фонографска индустрија.

Оваа објава доаѓа во годината кога музичката индустрија одбележува 70 години од издавањето на првата плоча.