Триесет и пет секунди им се потребни на сценските работници да го променат комплетниот изглед на сцената на Евровизија. За ова време, тие можат да сменат сет за настап за едни изведувачи, и да наместат за други.
„Триесет и пет секунди ни треба за да бидеме сигурни дека сите ги имаат соодветните микрофони и слушалки.
Триесет и пет секунди за да бидеме сигурни дека реквизитите се на место и се цврсто обезбедени.
Додека сте дома и ги гледате воведните видеа познати како разгледници, десетици луѓе се на сцената, поставувајќи ја за што и да следува“, велат сценските работници.
„Секој од екипата може да направи само една работа. На сцената трчате со една сијалица или еден реквизит. Секогаш одите по иста линија. Ако излезете од линијата, ќе удрите некого. Тоа е малку како лизгање на мраз“, вели холандкиот сценски менаџер Ричард Ван Рувендал.
Секоја земја испраќа детални планови за нивното поставување на сцената, а Евровизија ангажира луѓе да го направат сето тоа.
„Имаме околу две недели“, вели Ван Рувендал, кој живее во Утрехт, но е во Базел за овогодинешниот натпревар.
„Имам екипа од околу 13 луѓе. За две недели, морам да сфатам кој е вистинскиот за секоја работа. Некој е добар во трчање, некој е добар во кревање, некој е добар во организирање на бекстејџот.”
Штом ќе заврши песната, тимот е подготвен за трчање.
Како и сценските работници, има луѓе одговорни за позиционирање на светлата и поставување пиротехнички средства и 10 чистачи кои ја чистат сцената со џогери и правосмукалки помеѓу секоја песна.
„Понекогаш делегацијата ќе каже дека пејачот сака да носи поинакви чевли за големото финале“, вели Ван Рувендал. „Но, ако тоа се случи, држачот за микрофон е на погрешна висина, така што имаме проблем!“
Сепак, спонтано менување обувки не е најлошиот проблем со кој се соочил. На натпреварот во 2022 во Торино, сцената беше 10 метри повисока од делот зад сцената. Како резултат на тоа, екипата преместуваше тешки сценски реквизити, а холандскиот менаџер вели дека биле исцрпени секоја вечер.
Реквизитите се огромен дел од Евровизија. Традицијата започна на вториот натпревар во 1957, кога Германката Маргот Хилшер отпеа дел од нејзината песна „Телефон“, со телефон на сцената како реквизит.
Во 2014 година, Украинката Марија Јаремчук зароби една од нејзините танчерки во џиновско тркало, додека Романија донесе вистински топ на нивниот настап во 2017.
На 13 мај беше првото полуфинале, вечерва (15 мај) е второто полуфинале, а на 17 мај е финалето.
Џиновските скалила на Шпанија се еден од неколкуте реквизити што Ричард Ван Рувендал и неговиот тим треба да ги изградат среде настап за Евровизија (Фото: Гети)