Бебе кое тежело само 268 грама при раѓањето ја напушти болницата во Токио и се верува дека тоа е најмалото машко дете на светот кое било успешно третирано.
Родено во август во 24. недела, тоа било толку мало што можело да се држи во двете дланки. Тоа било на интензивна нега до оваа недела и, во меѓувреме, пораснало до тежина од 3,2 килограми, па сега може нормално да се храни.
„Можам само да кажам дека сум среќна што толку порасна, бидејќи, да бидам искрена, не бев сигурна дали ќе преживее“, изјави мајката на бебето.
Лекарот Такеши Аримицу, кој водел грижа за него, вели дека тоа е најмалото регистрирано бебе кое е отпуштено од болница, според базата на податоци што ја води Универзитетот во Ајова, САД.
„Сакавме да покажеме дека постои шанса и вака мали бебиња да излезат од болница со добро здравје“, изјави Аримицу.
Претходниот рекорд го држеше бебе родено во Германија со само 274 грама. Најситното женско бебе во истата база на податоци е родено во Германија во 2015 година и имало само 252 грама.