НАРОДНО ПОЗОРИШТЕ ОД БЕЛГРАД ДОАЃА ВО МНТ НА 23 ДЕКЕМВРИ СО „ВООБРАЗЕН БОЛЕН“ ОД МОЛИЕР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Народно позориште од Белград доаѓа во Македонскиот народен театар (МНТ) на 23 декември, со претставата „Вообразен болен“, според текстот на Молиер, во режија на Никола Завишиќ. Претставата е од 20 часот, а билетите по цена од 1.200 и 1.000 денари веќе се во продажба онлајн и на билетарата на МНТ.

Играат: Иван Босиљчиќ, Соња Колачариќ, Анастасија Мандиќ, Данило Лончаревиќ, Зоран Ќосиќ, Сава Милутиновиќ, Немања Стаматовиќ, Ива Милановиќ, Вучиќ Перовиќ, Никола Вујовиќ, Немања Константиновиќ и Јован Стаматовиќ-Кариќ.
Претставата носи освежена визија во духот на оригиналното Молиерово дело од 1673 и првпат се изведува со интермеца, како што тоа Молиер првично го замислил.

„Во нашата претстава, за време на тие кратки паузи во дејството, се случува нешто друго — нешто значајно за групата актери што ја гледаме, а што публиката во стандардна изведба не би можела да го види: се наоѓаме на четвртата изведба на ‘Вообразен болен’ на 17 февруари 1673 година. Зад завесата ги гледаме подготовките на актерите за следниот чин, сфаќаме дека господинот Молиер е болен, дека не му е добро, дека играњето на комедијата за него станува прашање на живот и смрт. Сакавме да се впуштиме во поризичен, но повозбудлив театарски потфат. На тој пат нè повлече силната струја на Молиеровата судбина. Ја искористивме симболиката на неговата смрт, која навистина започнала на сцената, токму при четвртата изведба на ликот Арган-вообразениот болен. Таа околност цврсто, но нежно во текот на нашата претстава прави таа, покрај својата заиграност и комика, да биде и кревка, речиси трагична“, вели режисерот.

Премиерата на претставата беше на 5 декември 2024.

(Фото: НПБ)