НЕПАЛКА РОДЕНА ВО ПЕШТЕРА СТАНА ПРВА ЖЕНА КОЈА 10 ПАТИ ГО ИСКАЧИЛА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (Би-Би-Си)

Четириесет и осумгодишна Непалка го искачи Монт Еверест по десетти пат, што претставува нов светски рекорд за жени. Лакпа Шерпа последен пат била на највисокиот врв на светот во 2018.

„Лакпа го собори сопствениот рекорд и стана прва жена која го искачила Монт Еверест десет пати“, кажаа туристичките власти на Непал.

Лакпа потекнува од семејство со 11 деца, родена е во пештера и нема формално образование.

„Родена сум во пештера. Не го знам ни точниот датум на раѓање. Во пасошот ми пишува дека имам 48 години. Пораснав во близина на Еверест, го гледав од мојот дом и ме инспирираше и возбудуваше“, изјави Лакпа, која е припадничка на шерпаската етничка група.

Таа првпат го искачила Монт Еверест во 2000 и три години подоцна станала првата жена на која тоа ѝ успеало трипати. Откако се омажила за романскиот планинар Џорџ Дијмареску, се преселила во САД, каде што и денес живее со двете ќерки, иако во меѓувреме се развела.