Роже Федерер одржа моќен и впечатлив говор, примајќи го почесниот докторат на престижниот американски колеџ Дартмут, при што кажа дека главната причина за неговиот успех е напорната работа и ги отфрли размислувањата дека неговата тениска игра била лесна и без напор.
Швајцарецот се пошегува на свеченоста дека го заменил шорцот што го носеше секој ден во изминатите 35 години со облека во која едвај може да се движи и призна дека ужасно го прифаќал фактот дека се пензионирал. Тој со присутните ги сподели трите тениски лекции врз кои што се потпирал во транзицијата:
- мит е дека нешто може да се постигне без напор
- тоа е само поен
- животот е поголем од теренот.
Федерер освои 20 гренд слем титули, од кои осум на Вимблдон и неговата игра често се опишуваше како стилска и елегантна.
„Луѓето знаеја да кажат дека играм без напор и најчесто тоа се сметаше за комплимент. Но, мене ме фрустрираше кога некој би рекол ‘Едвај се испоти‘ или ‘Дали воопшто се труди?‘. Вистината е дека морав да работам многу напорно за да изгледа тоа така лесно. Не стигнав дотаму каде што сум само со чист талент, туку така што се обидував да работам повеќе од моите противници. Напорната работа некогаш е поважна од дарбата“, кажа Федерер.
Тој призна дека тенисот знаеше да биде и брутален и дека совршеноста во овој спорт не постои, откако победи на 80% од одиграните 1.526 мечеви.
(Фото: Икс)