Наскоро излегува новата драмска серија „Кенеди“, базирана на книгата на Фредрик Логевал насловена „ЏФК: Созревање во американскиот век, 1917-1956“, објави стриминг гигантот „Нетфликс“.
Во серијата ќе глуми Мајкл Фасбендер (фото) како патријархот на семејството Џо Кенеди Постариот и ќе „ги истражува триумфите и трагедиите на семејството Кенеди“.
„Тие беа многубројни за Кенедиеви, династијата од која произлегоа 35. претседател на САД Џон Кенеди и сенаторот од Њујорк и претседателски кандидат Роберт Кенеди, и двајцата убиени. Разговорите за проклетството беа засилени кога синот на првиот, Џон Кенеди Џуниор, го загуби животот заедно со неговите сопруга и снаа во авионска несреќа во 1999“, се вели во најавата на серијата.
Дејството на серијата ќе започне долго пред Џон Ф. Кенеди да влезе во Белата куќа, во 1930-тите и ќе го прикаже неверојатниот подем на Џо и Роуз Кенеди и нивните девет деца.
Серијата ќе има осум епизоди и сè уште нема датум на премиерата.