ОБАМА ГИ СПОДЕЛИ ОМИЛЕНИТЕ КНИГИ И ПЕСНИ ОД 2017

Њујорк, (Аксиос)

Поранешниот американски претседател Барак Обама продолжи една од своите претседателски традиции, споделувајќи ги неговите омилени книги и песни од 2017 година на Фејсбук.

„За време на моето претседателствување, почнав традиција на споделување на моите листи за читање и музички листи. Тоа беше убав начин да се навратам на нештата што ми оставија впечаток и да ги поттикнам авторите ширум светот. Годинава имав малку повеќе слободно време да надоместам за пропуштеното, па сакав да ги споделам книгите и музиката во кои што најмногу уживав“, напиша Обама на социјалната мрежа.

„Западен излез“ од Мохсин Хамид, „Моќта“ од Наоми Алдерман и за кошаркарските фанови – „Тренерот Вуден и јас“ од Карим Абдул-Џабар се дел од книгите.

Музичката листа на Обама опфаќа многу жанрови, но доминира хип-хоп. Кендрик Ламар, Џеј-Зи и Ди Џеј Калид се најдоа на листата. Поранешниот претседател покажа дека слуша и поп со песните на Камила Кабело и Хари Стајлс.