Битолските порти како симболи на минатото и чувари на градската душа се темата на фотографиите од 13. фотографска изложба „Со љубов од Битола“, што синоќа (14 август) се отвори во Центарот за култура.
Изложбата содржи 33 фотографии кои ја доловуваат магијата на битолските порти. Од нив, 30 се креации на учесниците на конкурсот, а со уште три свои фотографии учествуваат членовите на стручното жири, Димитар Чунговски, Кети Талевска- Бакревска и Диоген Хаџи-Коста Милевски.

„Првото место и признанието за највпечатлива фотографија ги доби Марија Дојошевска со својата ‘Староградска порта’, кадар кој ја раскажува приказната за времето и сеќавањата. Второто место им припадна на Давид Козаров и фотографијата ‘216’, која плени со визуелната провокативност и мајсторијата во изработката, додека третата награда ја освои Викторија Стојковска со ‘Вдахнување’, фотографија која внесува тивка свежина и топлина“, стои во одлуката на жирито.
Координаторот на проектот и член на жирито Диоген Хаџи–Коста Милевски изјави дека овогодинешната изложба, според бројот на учесници и испратени и изложени фотографии, го надминала секое претходно издание, поставувајќи нови рекорди и стандарди за иднината.
Изложбата финансиски е поддржана од Министерството за култура и Општина Битола и е во рамките на Битфест.
Ж. ЗДРАВКОВСКА