Српската монодрама „Мајорот и Хелена“, авторски проект на Алекса Јовиќ по мотивите на истоимената книга на Маја Бекчиќ-Петровиќ, е денеска (18 ноември) на програмата на Млад отворен театар (МОТ). Претставата ќе се игра од 20 часот на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).
Драматизацијата е на Дивна Стојанов и во продукција на театарот „Промена“ и продукцијата „Облак“. Претставата е работена по вистинската приказна за Хелена Вуковиќ, некогашен мајор во војската на Србија и транс жена. Монодрамата е сценска поставка за нејзиниот живот, од првото чувство дека е девојче, а не момче во патријархално семејство, преку обидот за потиснување на сопствениот идентитет во конзервативното општество, до сегашниот спокој, кога и физички станала тоа што отсекогаш била – жена.
Во разговор за СМАРТ СДК.МК Јовиќ вели дека искуството да игра транс жена било предизвикувачки и возбудливо, како и секоја нова улога што еден актер ја презема.
„Процесот на поистоветување со улогата ми беше важен како актер. Но, можеби најважно беше сознанието дека во оваа приказна треба да бидам само канал и диригент на приказна која е поголема од мојата интерпретација на улогата. Мојата улога, како и самиот театар, се совршено место за претставување на животот на Хелена“, вели Јовиќ.
Околу тоа што го привлекло да го постави текстот и да ја игра улогата, тој вели дека во периодот кога размислувал за идејата, темата на претставата не била актуелна во Србија. И да била, ликовите биле главно фиктивни, недостижни и далечни или во служба на лесна забава.
„Со Хелена имаме вистински настани во времето во кое живееме. Ја гледаме како херој, но, всушност, таа е една од нас. Тоа е она што најмногу ме привлече, возбудливата приказна за нејзиниот живот исполнета со неверојатни настани. Пред студиите имав можност да ја запознаам и да сфатам колку е голема, а подоцна како актер сфатив дека тоа е нешто на што можам да работам. Сè се случи спонтано и само како да се чекаше моментот кога ќе се случи оваа претстава“, вели глумецот.
Го прашавме која е пораката на оваа монодрама, а тој вели дека тоа зависи од публиката, не сака да го наметнува она што луѓето треба да го разберат.
„Доволно е да дојдеш и да слушнеш нечија вистинска приказна. Сите сме различни и сите носиме крст, а она што нѐ спојува се желбата за слобода и борбата да живееме што поцелосно и почесно. Кога ќе го сфатиме ова, можеби ќе бидеме помалку осудувачки и повеќе разбрани. Можеби ќе им дадеме на луѓето повеќе слобода да бидат искрени со себе и со другите“, вели Јовиќ.
Б. НЕСТОРОСКА