Современата танцова претстава „Д како Дездемона“ на Рисима Рисимкин на 13 септември ќе гостува на фестивал за Шекспир во Верона, Италија. Претставата е работена по музика на Тони Китановски, дизајнот на сцена и светло е на Матеа Мијановиќ, а костимите на Благој Мицевски.
Премиерно се изведе на манифестацијата „Денови на македонски кореографи“, во организација на Националната опера и балет (НОБ). Во претставата учествуваат осум танчари: Дездемона – Анастасија Данчевска, Јаго – Дејан Битровски, Отело – Лука Ѓорѓиевски, Емилија – Сара Димовска, Смртта – Давор Милев, Гласови – Надја Луканова, Елена Терзиева и Ивона Маневска.
Рисимкин годинава одбележува 45 години уметничко творештво, добитничка е на повеќе признанија, меѓу кои и Витез од редот на уметностите и книжевноста на Франција.
(Фото: Д. Х. К. Милевски)