ПРЕТСТАВАТА „НОЌТА КОГА ЈА УБИВ МЕСЕЧИНАТА“ ВЕЧЕРВА НА ГОЛЕМО ЕЗЕРО НА ПЕЛИСТЕР

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 21.30 часот на Пелистер, љубителите на планината, природата и театарската уметност ќе ја гледаат претставата „Ноќта кога ја убив месечината” која ќе се одржи на Големо Езеро на Пелистер на надморска височина од 2218 метри. Вечерта ќе има полна месечина и актерите ќе настапат на природна светлина.

Овој уникатен настан го организираат Националниот парк Пелистер, во соработка со Народниот театар – Битола и Битолскиот камерен оркестар, со поддршка на Општина Битола.

Претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ е во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува заедно со актерот Александар Копања. Музиката за претставата ќе ја свират во живо членови од Битолски камерен оркестар

Претставата трае до полноќ, а посетата е со претходна пријава и бројот на посетители е ограничен. Пристапот е по земјена петака во должина од 15 км од Информативниот центар или по патека од село Ниже Поле преку Дебел рид.  Се препорачува носење на  соодветна планинарска опрема.

Ж.ЗДРАВКОВСКА