„ПРИЈАТЕЛИ“ БЕШЕ ГОЛЕМА РАБОТА И НЕ САКАВ НИКОЈ ДА ЗНАЕ ДЕКА ИМАМ ПРОБЛЕМИ СО ДРОГА И АЛКОХОЛ, КАЖА МЕТЈУ ПЕРИ, КОЈ ПОЧИНА НА 54 ГОДИНИ

Лос Анџелес, (АП)

Метју Пери своевремено призна дека не се сеќава на снимањето на три сезони на „Пријатели“ и дека тоа е причината што никогаш не ја гледал серијата.

По мојот изглед би можел да кажам на што сум бил во секоја сезона. Пиење, опијати, пиење, кокаин. Затоа не сакам да ја гледам, зашто тоа е она што би го видел“, изјави Пери во 2016.

Педесет и четиригодишниот Пери беше пронајден мртов во џакузито во својот дом во предградие на Лос Анџелес. Причината за смртта засега не е позната.

Пери со колегите од „Пријатели“ (Фото: АП)

Пери го сметаа за талентиран актер и му се предвидуваше голема кариера, но засекогаш ќе остане запаметен по улогата на саркастичниот и забавен Чендлер Бинг во десетте сезони на „Пријатели“, една од најуспешните и најгледани серии на сите времиња. Но, со славата дојдоа и проблемите со алкохол, лекови и дрога, што пак резултираше со неколку одења на рехабилитација.

Во своите мемоари од 2022, тој призна дека одамна требало да биде мртов.

„‘Пријатели‘ беше огромна работа и не сакав да го загрозам тоа. Ми се допаѓаше сценариото, ми се допаѓаа колегите, но се борев со моите зависности. Имав тајна за која никој не смееше да дознае зашто тоа ќе ми го зголемеше срамот. Мислев дека ќе умрам ако публиката не се смее и тоа секако не беше здраво за мене. Тој притисок ме стави на лошо место“, напиша Пери во своите мемоари.

Во интервју од октомври 2022, Пери кажа дека 18 месеци е чист.

Потрошив можеби девет милиони долари обидувајќи се да се отрезнам“, изјави тогаш тој.

(Фото: АП)