ПРОМОЦИЈА НА ЗБИРКА ПИЕСИ ЗА ПИЈАНО ОД ЈАНА АНДРЕЕВСКА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва (4 април) од 20 часот во книжарницата „Литература“ во Дајмонд мол, ќе се одржи музички настан и промоција на издание од Јана Андреевска, насловен „Во тивок модус“ . Настанот е дел од Фестивалот за литература и општа култура ВИДИК.
„Во тивок модус“ е збирка од 12 кратки пиеси за пијано компонирани од Андреевска, во периодот меѓу 2019 и 2026 година.

Од „Арс Ламина“ велат дека „Есен во април“, „Августовски ветрови“, „Отсуства“, „Галеж“, „Песната на Рената“, „Валцер“, „Порака до ќерка ми“, „Гушкањето на Матеј“, „Емпромпти“, „Зимска сончевина“, „Приспивна за Марика“ и „Сенките на едно утре“ се настанати на пресекот меѓу педагогијата и личниот уметнички израз, произлезени од работата со студенти по популарна музика и во таа смисла претставуваат јасни и прецизни примери за градење музичка мисла – од едноставен мотив до заокружена форма.
Напишани во пристапна клавирска фактура, пиесите се наменети и за професионални музичари и за напредни љубители, нудејќи простор и за интерпретација и за креативно надградување. Дополнети со хармонски шифри, тие отвораат можност за импровизација и третман во духот на џез-стандардите.

Промотор е Михаило Трендафиловски, а на пијано ќе настапи Дино Имери.
Збирката е во издание на „Арс Ламина“ и е дел од едицијата „Bibliotheca Musica“ посветена на објавување квалитетни музички изданија – збирки ноти и партитури наменети за ученици, студенти, професионални музичари и љубители на музиката.

 

(Фото: „Арс ламина“)