РАСПЛАКАНИОТ ШОН ВАЈТ ЈА ЗАВРШИ КАРИЕРАТА КАКО СИНОНИМ ЗА СНОУБОРДИНГОТ

Пекинг, (Ројтерс)

Легендата на сноубордингот Шон Вајт се расплака по последниот настап во кариерата, велејќи дека е благодарен што остава наследство за идните генерации професионални возачи. Името на Вајт беше синоним за овој спорт уште од неговото олимписко деби во дисциплината халфпајп пред 16 години, кога го освои првото злато како 19-годишник и го доби прекарот „летечки домат“.

„Не сум тажен, возбуден сум што вртам нов лист. Не сакам веќе да ги победувам овие момци, сакам да ги спонзорирам“, изјави 35-годишниот Вајт додека ривалите го тешеа по завршувањето на настапот на Олимпијадата во Пекинг.

Вајт беше највозрасниот финалист и гледаше како далеку помладиот Јапонец Ајуму Хирано ја освојува титулата со која тој се закити во Торино 2006, Ванкувер 2010 и Пјонгчанг 2018. Иако не се прости со медал, публиката го награди со најголемиот аплауз по третиот и последен настап во финалето.

„Ова е мојот последен ден на платформите како натпреварувач, чудно е да се каже тоа“, рече Вајт, кој има освоено рекордни 13 злата на зимските Икс-игри.

Тој вели дека отсекогаш сакал да докажува нешто во спортот што често не се сфаќа сериозно. Денеска, окружен од идните генерации возачи, можеше да види како неговото наследство добива конкретен облик.