РАСПРОДАДЕНИ ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА НОВОГОДИШНИТЕ КОНЦЕРТИ НА СРЕДНОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Над 1.200 билети се продадоа за еден ден, откако Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип најави дека на 23 и 24 ќе ги одржи традиционалните новогодишни концерти. Ќе се изведат новогодишни валцери и македонска народна музика.

„Поради големиот интерес, веднаш се организиравме и заедно со учесниците се договоривме, покрај концертите на 23 и 24 декември од 20 часот во Центарот за култура ‘Ацо Шопов’, вториот ден да има уште еден концерт, од 17:30 часот, за кој влезниците исто така се речиси распродадени“, вели директорот на Средното музичко училиште во Штип, Илија Ќосевски.

Тој додава дека на концертите ќе настапат 250 млади музичари од основното и од средното музичко образование.

„Годинава, Новогодишниот концерт носи и посебна симболика затоа што се одбележуваат неколку значајни јубилеи. Публиката ќе има можност да слушне дел од оперската класика ‘Палјачи’ во чест на 100 години од изведбата на првата опера во Македонија, а со изведби на познати рефрени ќе се одбележи и 40-годишниот јубилеј на Макфест“, вели Ќосевски.

Т. ЈОВАНОВСКИ