Ријана и официјално стана милијардерка и најбогата музичарка на светот, објави „Форбс“. Богатството на поп ѕвездата по потекло од Барбадос сега се проценува на 1,7 милијарди долари, од кои 1,4 милијарди доаѓаат од вредноста на нејзината козметичка компанија „Фенти бјути“.

Всушност, најмал дел од нејзиното богатство отпаѓа на заработката од музиката, додека нејзината компанија за долна облека „Севиџ Фенти“ се проценува на 270 милиони долари.

Побогата жена од светот на забавната индустрија е единствено Опра Винфри.

Ријана, чие вистинско име е Робин Фенти, ја лансираше „Фенти бјути“ во 2017 година во партнерство со францускиот гигант за луксузни добра „ЛВМХ“. Во првата година, компанијата остварила заработка од над 550 милиони долари.

Сепак, не сите бизнис идеи на Ријана биле успешни. Во почетокот на годината, таа го згасна модниот бренд „Фенти фешн“ по само две години.

На музички план, Ријана има продадено повеќе од 250 милиони албуми, но поминаа пет години од нејзиното последно студиско издание.