Рис Витерспун се враќа на еден од нејзините најуспешни проекти, хит-филмот „Русокоса од Харвард“. Иако уште не е познато дали пак ќе ја игра улогата на популарната Ел Вудс, „Дедлајн“ објави дека таа ќе биде извршен продуцент на новата серија, која е продолжување на филмот.
Заедно со Витерспун, продукцијата ја потпишува дуото од серијата „Озборувачка“, Џош Шварц и Стефани Севиџ.
Филмот излезе во 2001, а благодарение на големата популарност доби и продолжение во 2003 со оригиналната актерска екипа. Според филмот, се продуцираше и претстава на Бродвеј, во која Ел Вудс ја играше Лора Бел Банди.
Ел Вудс е лик на модерна девојка која почна да студира право поради своето поранешно момче, и стана успешна и покрај тоа што многумина не ја сфаќаа сериозно. Заедно со Ел, филмот стана популарен и поради ликот на козметичарката Полет, која ја играше Џенифер Кулиџ. На прашањето дали Кулиџ ќе биде во новите продолженија, Витерспун изјави: „Нема ‘русокоса од Харвард’ без Џенифер Кулиџ“.
Третиот филм се најавуваше подолго време, но снимањето неколкупати беше одложувано, прво поради пандемијата, а подоцна и поради штрајкот на сценаристите.