РОЗЕТА ДУЛЕВСКА ЈА ИЗДАДЕ ПОЕТСКАТА ЗБИРКА ЗА ДЕЦА „ДА НИ БИДЕ ЖИВОТОТ ПЕСНА“, ВО КОЈА ЗБОРОТ СЕ ПРЕТВОРА ВО МЕЛОДИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Розета Дулевска ја промовираше книгата „Да ни биде животот песна“, која се одржа во Спомен-собата на академик Анте Поповски во Ѓорче Петров.

„Поетската збирка е дел од проектот ‘Со книгата другаруваме и ја споделуваме’ поддржан од Општината, со што се овозможи збогатување на библиотечниот фонд на сите општински основни училишта со ова книжевно дело“, вели Дулевска, која е наставничка по македонски јазик.

„Оваа книга е повеќе од напишан збор, таа со помош на технологијата се претвора во мелодија која може да се слушне и види. Со скенирање на кју-ар кодови под песничките се овозможува поврзување со видео од истата песна на јутјуб каналите на познатите детски фестивали Златно славејче, Весело штурче и Соната“, вели авторката.

Таа има пишувано текстови за овие детски фестивали со музика од професорот Александар Китевски.

Дулевска и нејзината колешка Анета Ѓорѓиевска од основното училиште „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров лани ентузијастички ја реиздадоа книгата „Дневникот на Страшо“, која првпат излезе во 1976. Книгата ја напишал самиот народен херој, а Дулевска и Ангеловска ја реиздадоа со оригинални фотографии од Страшо Пинџур кои им ги позајмила неговата тетка Магдалена Петреска.