Добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусафзаи се омажи на исламска церемонија во Бирмингем, објави таа на Твитер. Дваесет и четиригодишната активистка и Асер Малик зеле учество во церемонија наречена ника, на која невестата и младоженецот ја даваат својата согласност да се венчаат.
„Ова е драгоцен ден во мојот живот. Асер и јас станавме партнери за цел живот и возбудени сме што заедно одиме на авантурата што е пред нас“, напиша Малала на Твитер.
Малик е генерален секретар на Пакистанската крикет федерација.
Таа од 2012 живее во Велика Британија, каде што го продолжи лекувањето откако беше застрелана во глава во Пакистан. Малала стана цел на талибанците зашто отворено се залагаше за правото на девојчињата да се образуваат и беше тешко повредена со уште две девојчиња кога еден милитант упадна во училиштен автобус.
Откако заздрави од повредите, Малала и нејзиното семејство трајно се преселија во Бирмингем и во 2014, кога имаше 17 години, таа стана најмладата личност која добила Нобелова награда за мир. Лани дипломираше на Универзитетот Оксфорд и продолжи да се ангажира како активист за човекови права.