АКТЕРОТ ПОЛ РАД Е НАЈСЕКСИ МАЖ НА СВЕТОТ ЗА 2021, ОБЈАВИ „ПИПЛ“

Лос Анџелес, (Пипл)

Холивудскиот актер Пол Рад е прогласен за најсекси маж на светот во традиционалниот избор на магазинот „Пипл“. Педесет и двегодишниот глумец вели дека сѐ слушнал за себеси: дека e љубезен, добродушен, вреден, но секси не е дел од неговите квалитети.

„Свесен сум дека кога луѓето ќе слушнат за ова, ќе речат ‘Што?’. Ова не е лажна скромност. Има толку други луѓе кои требаше да го добијат ова признание“, изјави Рад.

(Фото: Пипл)

Тој додава дека, сепак, нема да ја одбие честа и се надева дека „новата титула ќе значи покана за секси вечери со бившите освојувачи Џорџ Клуни, Бред Пит и Мајкл Б. Џордан“.

Рад стана популарен со филмот „Откачената русокоса“ од 1995, играше и во ТВ-серијата „Пријатели“, а беше и суперхеројот Ентмен и дел од Одмаздниците. Осумнаесет години е во брак со Џули, со која има две деца.

„Кога размислувам за себе, мислам само на сопруг и татко. И толку, тоа сум јас. Кога не работам, сето време го поминувам со семејството. Најмногу уживам во тоа“, вели актерот.