СЕДУМТЕ АКТЕРКИ ОД ДРАМСКИ ЌЕ ИМ СЕ СПРОТИВСТАВАТ НА 12-ТЕМИНА АКТЕРИ ОД МНТ ВО НОВИТЕ ТЕАТАРСКИ ПРЕМИЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Седум прекрасни дами од Драмски театар во ноември ќе им се спротивстават на 12-мина мажи од МНТ“, шеговито кажа директорот на Драмски, Роберт Вељановски. Првата премиера во новата сезона 2024/25 Драмски театар ќе ја има на 15 ноември со претставата „Драма за принцезите“. Таа се работи по текстот „Девојката и смртта И-В“ на австриската писателка и драматург Елфиде Јелинек, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2004.

Од пробите на претставата „Драма за принцезите“. (Фото: Драмски театар)

Режисерка е Жива Бизовичар од Словенија (фото), а играат седум актерки: Јелена Жугиќ, Ивана Павлаковиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Јасмина Василева, Нина Елзесер и Трајанка Илиева-Таци.

Во Македонскиот народен театар (МНТ), пак, во тек се пробите за претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов (фото), работена по мотивите на драмата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз. Таа ќе има премиера на 20 ноември.

Од почетокот на пробите на „12“ во МНТ. (Фото: К. Теодоров)

Приказната следи порота од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги да ги преиспитаат сопствените морални вредности.

Во претставата игра позната машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов.

Б. НЕСТОРОСКА