СЕКСУАЛНИОТ ПРЕДАТОР БИЛ КОЗБИ ВО ЛИСИЦИ – ПАДОТ НА НЕКОГАШ ОМИЛЕНИОТ АМЕРИКАНЕЦ

Нористаун, (Ројтерс)

Бил Козби со лисици на рацете го напушти судот во Нористаун, Пенсилванија, откако судијата го опиша како сексуален предатор и го осуди на затворска казна од три до десет години, ставајќи точка на падот на некогаш омилениот комичар, кого го следеше прекар Американски Татко.

Двократниот освојувач на Златен глобус за мегапопуларната серија „Шоуто на Козби“ е осуден за дрогирање и силување на својата тогашна пријателка Андреа Констанд во 2004 година, станувајќи прва славна личност која добила пресуда за сексуална злоупотреба откако пред една година почна движењето #MeToo.

Козби (81) ќе одлежи во државен затвор најмалку три години, но би можел да помине зад решетки и цела деценија. Судијата нареди тој веднаш да биде затворен, одбивајќи ја можноста за кауција.

„Сакав да добие 30 години, но сепак сум среќна, затоа што сум свесна дека оди во затвор“, изјави Челан Лаша, која сведочеше како Козби ја дрогирал и напаствувал во 80-ите години.

Козби ја зацврсти својата семејно-пријателска репутација со улогата на д-р Клиф Хакстејбл во легендарниот ситком „Шоуто на Козби“, кој се емитуваше од 1984 до 1992 година.

„Тој само се криеше зад овој лик. Пред да го видат во лисици, многу луѓе веруваа дека тоа е она што е тој. Ние знаевме нешто друго“, кажа обвинителот Кевин Стил.

Повеќе од 50 жени го обвинија Козби за сексуални прекршоци во изминатите децении, од кои многу веќе беа застарени случаи. Констанд беше таа која го изведе пред суд.