Од 15 до 18 октомври во Скопје ќе се одржува четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, под слоганот „Сцена за сечиј сон“. Селекторка е режисерката Драгана Милошевски-Попова.
Фестивалот се отвора во Театарот за деца и младинци во 19 часот со „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ, а на 16 октомври од 11 часот во Албанскиот театар игра „Играј со мене!“ на Андреј Бока, претстава на Детскиот театар од Суботица. Вечерта од 19:30 часот, на истата сцена е „Малата Фрида“ во продукција на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб. Претставата во режија на Аница Томиќ е приказна за детството на сликарката Фрида Кало.
На 17 октомври во ТДМ се „Свадби на животни и нешта“ (11 и 13 часот) на Георги и Раја Господинов на скопскиот Театар на сенки и облаци и „Прозорецот“ (19:30 часот) на Давид Зуазола од Темишвар, Романија.
„Како оздраве штурецот“ на Никола Завишиќ од Белград е визуелно богата претстава за детската тага и начинот на кој играта и хуморот стануваат јазик на самоисцелување и според програмата, таа ќе се изведе на 18 октомври во Театар Комедија од 12 часот. Фестивалот ќе заврши со „Сино“ на атинскиот „Хоп Сињор“ од 19:30 часот во ТДМ. Организаторот ја најавува како храбра, апсурдно-хумористична претстава што со свеж сценски јазик ги истражува конфликтите и стереотипите во секојдневието.
Сите претстави освен „Франкенштајн“ ќе се натпреваруваат за Гран при наградата за режија и за наградите за најдобри актер, актерка, костимографија и сценографија. Жирито го сочинуваат Игор Третињак (Хрватска), Изабела Новотни (ТДМ) и Јулијана Мирчевска (АСИТЕЖ), а детското жири ќе ја додели наградата за најдобра претстава според младата публика.
Фестивалот го организира Театар за деца и младинци во Скопје, со Совет во состав Владимир Лазовски (претседател), Игор Ивковиќ, Катарина Илиевска-Силјановска, Винета Дамческа-Мојаноска, Никола Наковски, Ангела Димитровска, Ирена Глигорова и Васил Галевски.
Фото: К. Попов