Со премиерата на претставата „Тестостерон“ од полскиот автор Анджеј Серемонович, во режија на Синиша Евтимов, вечерва (27 март) започнува театарскиот фестивал „5ре“. До 8 април, на петтото издание на фестивалот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе се одиграат седум претстави, од кои две од странство, а завршува со монодрама, кога ќе бидат доделени наградите. Вечерва на отворањето, на Светскиот ден на театарот, ќе биде доделена актерската награда за животно дело „Петре Прличко“.
„Заокружуваме циклус од пет години, мал јубилеј. Подвлечената црта е дека можеме да видиме задоволни гледачи, до кое ниво сме како новоформиран фестивал, имаме репутација и во земјава и во регионот. Втора година по ред сме меѓународен, трета година по ред фестивалот се отвора со премиера. За да ги задоволиме гледачите, претставата ќе се игра и на 28 март“, кажа Жарко Спасовски од Здружението на граѓани „Плус публика“, кое со делегирана надлежност од Општина Велес е организатор на фестивалот.
На 31 март ќе се изведе „Куршуми над Бродвеј“, а на 2 април „Болва во уво“, и двете на Драмски театар од Скопје. На 3 април гостува Црногорско народно позориште од Подгорица со претставата „Другата страна“. На 4 април е „Не се клади на Енглези“ на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање, на 6 април е „Народен пратеник“ на МНТ од Скопје, а на 7 април игра „Аматери“ на Театар Комедија од Скопје. Фестивалот завршува со монодрамата „Сите прекрасни нешта“ на Игор Ангелов.
Втора година по ред ќе се вреднуваат актерските достигнувања. Ќе бидат доделени наградите за машка и женска ролја, споредни улоги, претстава во целина и за режија, како и награда од публиката. Во жирито кое ќе одлучува за наградите се Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова.
Локалната власт го помогна одржувањето на „5ре“ со 800.000, а Министерството за култура со 408.000 денари.
П. ПЕЧКОВ