СО СВЕТЛОСНО ШОУ СЕ ЗАТВОРИ БИТ-ФЕСТ ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТСДК.МК)

Со светлосно шоу прикажано на фасадата на Офицерскиот дом во Битола, синоќа заврши 17. културно лето Бит-фест. Видеопрезентацијата „Битола арт мапинг“ го претвори градот во сцена за современа уметност.

Завршниот настан го отвори прашањето за организирање фестивал на светлината во иднина во Битола по пример на светските метрополи.

„Фестивал на светлината е современ уметнички формат кој со светлина, проекции и мултимедијални инсталации ги трансформира архитектурата и јавниот простор во сцена. Таквите фестивали се културно-туристички брендови во градови како Лион, Берлин, Атина, Прага, Сиднеј, Талин, Амстердам. Зошто не и во Битола? Финалето на Бит-фест носи нов почеток“, рекоа од Општина Битола.

Бит-фест годинава траеше околу два месеца и беа организирани бројни концерти и настапи на светски и домашни уметници, изложби, промоции на книги, претстави и други настани. Дел од програмата беа и спектакуларниот настап на Армин ван Бурен на стадионот „Петар Милошевски“ и традиционалните манифестации „Илинденски денови“, „Широк Сокак во бело“, „Локум фест“ и „Незаборав“.

Ж. ЗДРАВКОВСКА