„СРЕЌЕН КАКО НАИ“, ИНКЛУЗИВНА СЛИКОВНИЦА НА АНА САЛЏИЕВА ИНСПИРИРАНА ОД БОЛЕСТА НА НЕЈЗИНИОТ СИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новата сликовница „Среќен како Наи“, од авторката Ана Салџиева со илустрации на Томи Џуровски, неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина публикации“. Ова е инклузивна сликовница, која нè води низ светот на едно дете родено со физичка разлика и ни покажува дека неговото секојдневие е полно со радост, игра и љубопитност, исто како кај секое друго дете.
„Приказната за Наи е длабоко лична и произлезе од моето мајчинство. Таа е инспирирана од мојот син Јан, кој е роден со конгенитална хипоплазија на рака. Заедно со неговата сестра близначка Мила секоја вечер се препуштаме на магијата на книгите. Читаме, сонуваме и патуваме низ светови што ги создаваат приказните. Но, еден момент ме погоди, зашто не постоеше сликовница во која Јан можеше да се препознае и да се види себеси. Тоа ме поттикна да ја создадам оваа инклузивна приказна“, вели авторката Салџиева.