Холивуд вчера остана без една од своите најголеми икони и секс симболи, откако Берт Рејнолдс почина на 82-годишна возраст по срцев удар.
Во кариерата долга шест децении, Рејнолдс го достигна врвот на популарноста во 70-ите години, благодарение на хитовите „Ослободување“ и „Смоки и бандит“, но неговиот живот го обележаа и бројни романси со актерки, како Лори Андерсон, Адриен Барбо и Дајна Шор.
Сепак, тој никогаш не криеше кој беше најголемата љубов на неговиот живот.
„Сели Филд. Многу ми недостига, дури и сега ми е тешко. Не знам како можев да бидам толку глупав. Такви се мажите, ќе најдат совршена личност и потоа ќе направат сè за да ја упропастат работата“, кажа Рејнолдс во интервјуто за „Пипл“ во 2015 година.
Десет години постар од неа, тие се запознаа на снимањето на „Смоки и бандит“ во 1977 година.
„Инсистирав таа да глуми во ‘Смоки‘, а тие ми кажаа дека не е доволно секси. Јас им реков, ‘вие не разбирате, талентот е секси, а таа го има‘“, додаде Рејнолдс.
Тие останаа заедно пет години и снимија четири филма, но никогаш не се венчаа.
Двократната оскаровка на емотивен начин се прости од Рејнолдс.
„Има периоди во животот кои не можат да се избришат, кои не исчезнуваат. Тие остануваат живи и 40 години подоцна. Годините поминати со него никогаш нема да ми излезат од мислите. Тие ќе бидат дел од мојата историја и од моето срце додека сум жива. Почивај во мир, друже“, изјави Филд.