ФЕСТИВАЛОТ ДЕСОНАНЦ НАЈАВИ УНИКАТНО АУДИОВИДЕО ШОУ ВО МУЗЕЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ирското електронско дуо „Лакер“ ќе има уникатен настап во Скопје на 14 септември, во рамките на фестивалот Десонанц, на кој ќе можат да присуствуваат помалку од 100 фанови.

Десонанц со него најави серија мултимедијални концерти и инсталации, наменети за ограничена публика, со кои ќе се истражуваат несекојдневни и визуелно импресивни локации во Скопје.

„Лакер“ и еден од неговите членови Дара Смит (под името Арад) ќе настапат во живо во халата на етнолошката поставка на Музејот на Град Скопје, на Старата железничка станица, а вовед во настанот ќе биде ритуалната церемонија на гностичкиот колектив +ВС+.

„Лакер“ ексклузивно ќе ја претстават најновата изведба на нивното аудиовидео шоу, што за последен пат беше видено во 2015 година. Станува збор за комбинација на авангардни видеотекстури и на концертна изведба со употреба на вокали, инструменти и хардвер во живо.

Согласно безбедносните правила на музејот, во продажба ќе бидат пуштени само 75 карти, а вечерта ќе продолжи во „Епицентар“.