„Тетоважите во регионот се многу поефтини од развиените европски земји. Минималната цена е околу 50 евра, но можат да чинат и до неколку илјади евра, во зависнот од тоа што бара клиентот. На еден натпревар во Бања Лука тетоовирав 45 часа со многу куси паузи за спиење“, вели тату мајсторот Харис Сарајлиќ (фото) од Сараево кој беше гостин на првата регионална конвенција за тетовирање „Уметничка република“. Конценцијата почна вчера (14 март), во хотелот „Александар Палас“ а завршува денес (15 март). Учествуваат околу 150 тату мајстори од повеќе земји кои прикажуваат различни стилови и техники на тетовирање. Влезот е 300 денари.

Посетителите на настанот имаа можност да гледаат тетовирање во живо, разговараа со тату мајсторите за новите трендови во тетовирањето и учествува во работилници.
„Првпат сум на ваква конвенција и за првпат во Македонија воопшто. Имам свое студио во Сараево, работам 11 години. Во Босна и Херцеговина не е толку развиена тату културата како кај вас или во Србија, но полека растеме од ден на ден“, ни рече Сарајлиќ кој ја тетовираше неговата колешка Ина Чано (фото), со која заедно работат во студиото. Тетовираше и нивната помлада колешка Ана која има 21 година, и работи само една и пол година, но Сарајлиќ рече дека клиентите многу ја бараат зашто многу брзо учи.

Ина Чано вели дека иако е прилично ново во бизнисот, како тату мајстор пристојно заработува и може да живее од оваа работа.
„Најмногу успех имам во мандали и во орнамент стил, но сепак, по малку од сè. Има разни идеи кои ги бараат клиентите. Досега сме биле на слични настани во Италија, Романија и насекаде низ Балканот. Сè уште немаме стандард како Германија, Австрија или Америка, но добро ни оди засега“, додава Харис Сарајлиќ. Тој се сеќава на меѓународниот натпревар во Бања Лука кога заедно со колешката Чано тетовирале 45 часа.
„Немавме многу време за спиење, но освоивме прво место во категорија јапонска тетоважа“, рече гостинот од Сараево.

Ирина Атанаскова-Ина од студиото „Нејмлес“ е дел од органзаторите на конвенцијата и вели дека со радост ја пренесува својата страст кон тетовирањето на помладите учесници. Таа е дел од тату индустријата 14 години. Почнала на 18 години, веднаш по завршувањето на средното уметничко училиште. Иако експериментирала со различна уметност, тетовирањето останува нејзината примарна професија која, како што вели таа, сè уште не ѝ здосадила.

Денес, Атанаскова е препознатлива по тетоважите со водени бои и „фајн лајн’ техниката која се карактеризира со исклучително тенки и прецизни линии.
„Во нашето стдуио има широк спектар на стилови, од традиционален „до хипер-реализам“, вели Атанаскова која е организаторка на настанот заедно со сопругот.
Тату мајсторот од нејзиното студио Матеј Петковски тетовираше дел од неговите омилени стилови.

„Ова е моето омилено, ‘летеринг’ или букви, со црно-бел реализам во дарк стил. Работам и колор, но најчесто гледам да правам букви затоа што тоа ми е коренот. Почнав пред короната, во 2019. Секој почеток во секоја работа е тежок, но, ако си доволно инает, се живее од овој бизнис“, вели Петковски. Во нивното студио, има клиенти од повеќе земји, а почетна цена е 50 евра. Тату мајсторот се сеќава дека еднаш најдолгата тетоважа ја работел 22 часа, за два дена.
Конвенцијата имаше и натпреварувачки карактер, со доделување награди во повеќе категории, а имаше и стриптиз точка.
М. ЏАРОВСКА