Тијана Дапчевиќ ќе гостува во Скопје на 19 април со стендап комедијата „Менопауза“, во Филхармонијата од 20 часот, објави продукцијата „Евентум“.
Македонската музичарка и актерка која долги години живее во Белград вели дека претставата е гласна, искрена и духовита приказна за темите за кои жените најчесто шепотат, а сега конечно се зборуваат без срам и со многу смеа. Текстот е на Данило Вукотиќ, а режисер е Раде Вукотиќ.
„Играм драматичен стендап напишан од Данило Вукотиќ. Мојот лик се вика Марина Станковиќ, која е во менопауза. Препознавам многу од ситуациите споменати во текстот кои се случуваат и кај мене, тие промени на расположението, на пример. Драго ми е што можам гласно да зборувам за менопаузата, бидејќи тоа не е табу тема, тоа е нешто што секоја жена го доживува во средните години. Треба гласно да зборуваме дека менопаузата не е крај на животот, таа е само ресетирање“, вели Тијана Дапчевиќ.
Премиерата беше во ноември 2025 во салата „МТС“ во Белград. Дапчевиќ ја играше претставата уште еднаш во декември, а поради голем интерес, закажан е уште еден термин во март. Комичната претстава брзо стана популарна во Србија и во регионот. Скопје е дел од турнејата на „Менопауза“ низ регионот и Германија, која почнува на 5 февруари во Мостар, а завршува во Скопје. Тијана Дапчевиќ ќе ја игра претставата 20 пати.
Билетите се продаваат на yournextevent.info.
М. ЏАРОВСКА