Впечатлива, интересна и несекојдневна изложба насловена „Лица“ понуди авторот Ангел Коруновски во Ликовниот салон во Велес. Таа е продолжение на претходната изложба „Летаргија“.
„Оваа изложба е револт, крик од глобализацијата и општеството кое го наметнува материјализмот. Како уметник чувствував потреба ликовно да реагирам на состојбата, посветена е на нормалниот човек. Во оваа состојба, кога материјалното е кренато пред духовното, сите вредности на човекот се занемарени. Младите трчаат кон финансиски бенефит, не оставаат печат во општеството и во културата. Преку музика и пишан збор оставаме белег, а кога следиме тренд, не оставаме ништо. Човекот низ епохи оставал белег, правел новини“, кажа Коруновски.

Изложбата е составена од три дела. Меѓу изложените дела се двајца од гемиџиите, два лика кои се работени во експресионистички манир. Делата се инспирирани од невидливото, од анонимните, занемарени и замолчени поединци кои се движат низ сложеноста на глобализираниот и корумпиран свет. Изложбата имаше тројца промотори: Кирил Пенушлиски, Лазе Трипков и Јасминка Намичева.

„Оваа изложба на крајот од месецот ќе патува за Белград, каде што дел од неа ќе биде изложен во македонскиот Културно-информативен центар. Не е едноставно и лесно, но мора нашите уметници да се презентираат и надвор од земјава. Велес треба да се гордее што има ваков калибар на уметник“, рече Намичева.
П. ПЕЧКОВ