ТРЕВИС КЕЛСИ – ФУДБАЛСКА ЅВЕЗДА СО ХРВАТСКИ КОРЕНИ КОЈА ЈА ОСВОИ ТЕЈЛОР СВИФТ ПРЕКУ СВОЈОТ ПОДКАСТ

Њујорк, (Пипл)

Најголемата поп-ѕвезда на денешнината Тејлор Свифт вчера потврди дека се свршила со фудбалерот Тревис Келси по две години врска. Веста објавена на Инстаграм во меѓувреме собра над 26 милиони лајкови од воодушевените фанови.

„Вашата професорка по англиски јазик и вашиот професор по физичко ќе се венчаат“, напиша Свифт на Инстаграм, споделувајќи фотографии од моментот на запросувањето.

На овие фотографии, Свифт носи фустан од „Ралф Лорен“, кој чини 400 долари, часовник „картие“ од речиси 30.000 долари и дијамантски свршенички прстен дизајниран од Киндред Лубек, чија вредност се проценува на 550.000 долари.

Свифт вчера потврди дека се свршила со Келси по две години врска (Фото: Инстаграм)

Иако малкумина можат да се носат со популарноста на Свифт, и 35-годишниот Келси е големо име во американскиот спорт. Роден во Охајо, тој и неговиот брат Џејсон неодамна открија дека имаат хрватски корени. Ова беше спомнато и при гостувањето на Свифт во подкастот на браќата Келси, кога збореше за лето во Флорида.

„Џејсон, ние сме Хрвати, нам ни треба сонце“, кажа Тревис Келси.

Тој ја почна кариерата во НФЛ во 2013, кога Канзас Сити Чифс го избра во третата рунда на драфтот, за потоа да стане еден од најдобрите тајт ендови во историјата. Со овој тим го освои Супербоулот во 2019, 2022 и 2024. Тој одлучи да ја продолжи кариерата барем за уште една година, иако минатата сезона не му беше успешна.

Келси ја почна врската со Свифт во 2023, набргу откако се пожали во својот подкаст дека не успеал да ја запознае по нејзиниот концерт на стадионот на Чифс и да ѝ го даде својот телефонски број. Таа неодамна кажа дека тоа бил „луд, романтичен гест“. Во септември таа година, Свифт првпат беше видена како навива за тимот на Келси, седејќи покрај неговата мајка. Келси и Свифт се гушкаа и бакнуваа на теренот и беа во центарот на вниманието откако тој го освои ланскиот Супербоул во Лас Вегас.

Доналд Трамп, кој напиша „Ја мразам Тејлор Свифт“ на социјалните мрежи во септември 2024, вчера ја коментираше свршувачката.

„Им посакувам многу среќа. Мислам дека тој е одличен играч и одличен човек и мислам дека таа е одлична личност“.

(Фото: Гети)