ЏИЛИЈАН АНДЕРСОН ЈА НАПУШТА СЕРИЈАТА „ДОСИЕ ИКС“

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

Џилијан Андерсон и официјално потврди дека ја напушта серијата што ја прослави.

Четириесет и деветгодишната актерка изјави дека во 11. сезона на „Досие Икс“, која почна да се емитува по нова година, за последен пат ќе ја одигра култната улога на агентката Дејна Скали.

„Време е да ја закачам капата на Скали на клин. Завршив, ова е крај на оваа приказна“, изјави Андерсон, додавајќи дека ја напушта и серијата „Американски богови“ по само една сезона, како реакција на отказот што го добија авторите Брајан Фулер и Мајкл Грин.

Андерсон му беше партнерка на Дејвид Духовни во најголемиот дел од франшизата „Досие Икс“, вклучувајќи девет сезони и два филма меѓу 1993 и 2002 година. Тие се обединија за камбекот на серијата од шест епизоди во 2016 година, а 11. сезона ја имаше премиерата минатата недела.

Таа освои и Златен глобус и Еми за улогата на Дејна Скали и имаше уште шест номинации за двете награди.