„МАРФИ БРАУН“ СЕ ВРАЌА ПО 20 ГОДИНИ ВО ЕДЕН СОСЕМА ПОИНАКОВ СВЕТ

Беверли Хилс, (АП)

„Марфи Браун“ ќе го истакне движењето против сексуалното вознемирување кога серијата со Кендис Берген во главната улога ќе се врати во септември во еден сосема поинаков свет, најави нејзиниот креатор.

Новите 13 епизоди ќе ја обединат сега 72-годишната Берген со поголемиот дел од оригиналната постава на серијата, што престана да се емитува во 1998 година, пред интернетот и 24-часовната кабловска телевизија да земат замав во светот. Сценариото е инспирирано и од актуелните настани, па четвртата епизода е насловена „#MurphyToo“.

„Тоа е моќно движење и сакавме да го претставиме како што треба. Тим на сценаристи, составен од мажи и жени од различна возраст и сексуална ориентација, помина денови, дискутирајќи за овој комплициран проблем“, вели Дајен Инглиш, извршната продуцентка и сценаристка.

„Марфи Браун“, чиј главен лик е истоимената истражувачка новинарка и ТВ-водителка, се емитуваше од 1988 до 1998 година и освои три златни глобуси и 18 награди Еми. Првата епизода од новата серија ќе биде прикажана на 27 септември.