МЕТЈУ ПЕРИ БЕШЕ РЕЗЕРВИРАН СО МЕНЕ, РЕЧЕ ДЕЈВИД ШВИМЕР ЗА СВОЈОТ КОЛЕГА ОД „ПРИЈАТЕЛИ“

САД, (Ентертејмент викли)

Метју Пери и Дејвид Швимер, ѕвездите на серијата „Пријатели“, беа пријатели и надвор од екранот, но не биле секогаш толку отворени еден со друг. Во интервју за подкастот на британската актерка Каш Џамбо, Швимер разговараше и за односот со неговиот покоен колега.

„Тој зборуваше за тебе како клучна личност во сцените на серијата, дека луѓето се идентификуваа со тебе“, се присети Џамбо.

Швимер не очекуваше да слушне ваква анегдота.

„Интересно е од многу причини да се слушне тоа. Ова е огромен комплимент и јас сум изненаден што го слушнав бидејќи Метју беше резервиран со мене, тој не би ми го кажал тоа. Но, јас многу го ценам. Јас сум еден од ретките во актерската екипа кој имал ригорозен театарски тренинг“, кажа Швимер.

Пери почина во октомври 2023 од предозирање со кетамин. По неговата смрт, Швимер му оддаде почит на социјалните мрежи.

„Ти благодарим за десетте неверојатни години смеа и креативност. Имаше срце и го делеше со нас за да можеме да создадеме семејство од шест странци“.