„НЕТФЛИКС“ ЈА ОБНОВИ „ЧУДНИ НЕШТА“ ЗА ЧЕТВРТА СЕЗОНА

Њујорк, (Холивуд рипортер)

„Нетфликс“ потврди дека ќе има четврта сезона на една од неговите најпопуларни серии „Чудни нешта“, во исто време врзувајќи ги креаторите браќата Дафер со богат договор.

Оваа вест доаѓа три месеци откако стриминг гигантот ја пушти претходната сезона, пред која имаше пауза од година и пол. Засега не е познато кога ќе излезе четвртата сезона.

„Браќата Дафер ги освоија гледачите низ цел свет со ‘Чудни нешта‘ и возбудени сме што ќе ја прошириме нашата соработка“, изјави шефот на програмата на „Нетфликс“, Тед Сарандос.

Мет и Рос Дафер потпишаа договор кој предвидува неколку филмови и серии и се проценува дека неговата вредност е деветцифрена.

„Чудни нешта“ важи за најуспешна оригинална серија на „Нетфликс“ и третата сезона во првите четири дена била гледана од 40,7 милиони домаќинства. Серијата направи големи ѕвезди од тинејџерите Мили Боби Браун и Фин Волфхард, кои заработуваат меѓу 250.000 и 350.000 долари по епизода.