ПАДНА „НЕТФЛИКС“ ПО ПРЕМИЕРАТА НА ПОСЛЕДНАТА СЕЗОНА НА „ЧУДНИ НЕШТА“

Њујорк, (Гардијан)

Стриминг платформата „Нетфликс“ падна на пет минути по објавувањето на петтата сезона на популарната серија „Чудни нешта“ (Stranger Things) на 27 ноември. Фановите не можеле да ги пуштат првите епизоди од долгоочекуваната последна сезона, при што многумина реагирале на социјалните мрежи.

Сервисот за следење прекини Downdetector забележал повеќе од 14.000 пријави во САД, додека овожавателите во Индија пријавиле дека стриминг платформата се замрзнува и прикажува грешки во конекцијата, со 200 пријави во земјата на врвот на прекинот.

„Некои корисници накратко имале проблеми со преносот, но услугата беше обновена за сите претплатници во рок од пет минути“, соопшти „Нетфликс“.

Платформата исто така имаше краток прекин кога беа објавени последните две епизоди од четвртата сезона на  „Чудни нешта“ во 2022 година.

Еден ден пред објавувањето на финалето на серијата, сите претходни сезони на „Чудни нешта“ се најдоа во топ-10 на најгледани серии на „Нетфликс“, прв ваков случај за која било серија на платформата. Петтата и последна сезона ќе се прикаже во три дела: премиерата на вториот дел е на 25 декември, а третиот дел ќе се емитува од 31 декември.