„Сексот и градот“ се враќа со ново име и без една од своите оригинални ѕвезди, потврди „Ејч-Би-О“.

Ким Катрал нема да ја репризира улогата на Саманта Џонс во новата минисерија насловена „And Just Like That“, која ќе се состои од десет получасовни епизоди. ТВ-мрежата не појасни зошто Катрал нема да им се придружи на Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис, чии ликови сега се во свои 50-ти години.

Снимањето во Њујорк треба да почне на крајот на пролет, а серијата ќе се прикажува на стриминиг сервисот „Ејч-Би-О макс“.

Оригиналната серија се базираше на истоимената книга на Кендис Бушнел од 1997 година и имаше шест сезони, освојувајќи седум Еми награди и осум златни глобуси. Таа потоа беше дополнета со два играни филма.