ШЕСТАТА СЕЗОНА НА „ЕМИЛИ ВО ПАРИЗ“ ЌЕ СЕ СНИМА ВО ГРЦИЈА И МОНАКО

Париз, (Вараети)

Во мај на локации во Грција и Монако почнува снимањето на шестата сезона на романтичната комедија „Емили во Париз“, во продукција на Дарен Стар и „Нетфликс“.

Екипата на популарната серија ја објави веста преку видео на Инстаграм, со песната „Мама миа“ на групата АББА. Првите два дела од филмскиот хит „Мама миа“ се снимаа на повеќе грчки острови.

Петтата сезона излезе на 18 декември и дебитираше во Топ 10 на „Нетфликс“ на второто место со 13,5 милиони прегледи во првите четири дена од стримувањето и го задржа второто место со 13,3 милиони прегледи следната недела.

Деталите за заплетот од шестата сезона се чуваат во тајност. Во финалето на петтата сезона, Габриел (Лукас Браво) ѝ испраќа на Емили (Лили Колинс) разгледница со покана за бегство во Грција, што навестува можно обновување на нивната врска.

„Не можам да ја замислам серијата без Габриел. Тој е големата љубов на Емили“ изјави Стар во декември.

(Фото: Нетфликс)