„СВЕТОТ НА БИБИ“ ЌЕ СЕ ЕМИТУВА ВО ХРВАТСКА, СЛОВЕНИЈА И БИХ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската компанија „Талент шоу“, најголемиот регионален дистрибутер на лиценци за детски програми, ги откупи правата за емитување на македонската анимирана серија „Светот на Биби“ во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.

„Од следната година, децата во Хрватска, Словенија и БиХ ќе уживаат во содржините од ‘Светот на Биби’ на најгледаните телевизиски канали. ‘Сказните на Биби“ ќе станат неизбежен дел од детската телевизиска содржина во регионот“, вели Стојче Коко Ѓорѓиев, еден од продуцентите на серијата.

„Светот на Биби“ веќе е достапна на српски јазик, а напоредно се работи и на албанската верзија, која е поддржана од Фондот за иновации.

„Оваа соработка, покрај квалитетот што го нуди, ни овозможува да изградиме платформа која ќе биде извор на знаење, возбудливи искуства и прекрасни откритија. За нас, влегувањето во ‘Светот на Биби’ е можност да ги едуцираме децата за различни теми на начин што ќе ги заинтригира и забавува“, вели Маја Клајниќ, маркетинг менаџерка во „Талент шоу“.

Првата епизода на „Светот на Биби“ беше емитувана во октомври 2018 на Јутјуб, каде што некои содржини од серијалот постигнаа повеќе од милион прегледи. Главната сценаристка на серијата е Билјана Црвенковска, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо е уметнички директор, а како режисери се менуваа Гоце Цветановски и Никола Чикос.