„Нетфликс“ постигна договор со популарната детска серија „Улица Сезам“ и таа отсега ќе се прикажува на оваа стриминг платформа откако Доналд Трамп ги укина федералните средства за бесплатниот канал ПБС.
„Нетфликс“ кажа дека ќе понуди нова сезона на легендарната серија и 90 часа од претходните епизоди, кои истовремено ќе останат достапни на ПБС. Според договорот, ПБС ќе добие пристап до епизодите на „Улица Сезам“ истиот ден кога ќе бидат објавени на „Нетфликс“.
„Улица Сезам“ се соочуваше со неизвесна иднина и откако „Ворнер брос Дискавери“ не го обнови договорот со над половина век старата серија.
„Улица Сезам“ почна да се емитува на 10 ноември 1969 и со неа пораснаа милиони деца. Таа беше создадена од Лојд Морисет и Џоан Ганц Куни, кои ја замислиле како нов начин на учење на американските деца и потоа ја развиле со тим предводен од психолог и со креаторот на „Мапет шоу“ Џим Хенсон.
(Фото: Гети)