Денеска (28 ноември) во „Сити мол“ во Скопје ќе се отвори изложба на уметнички дела од отпад од пакување, изработени од ученици на возраст од 11 до 18 години од Македонија, Србија и Црна Гора.
Повеќе од 100 дела пристигнаа на повикот за учество на меѓународната изложба „Творење и креирање на дела од отпад од пакување“, која оваа година се одржува под насловот „Заедно за почиста животна средина“. Конкурсот го распиша Друштвото за управување со отпад од пакување „Еуро-Екопак“, во соработка со Детскиот ликовен центар, во чии простории во библиотеката „Другарче“, беа доделени наградата за најдобро групно дело и три индивидуални признанија.

Наградата за најдобро групно дело ја добија Петар Стојанов, Верица Петревска и Кристина Гацева, учениците од деветто одделение од основното училиште „Димче Ангелов-Габерот“ во Демир Капија, кои работеа под менторство на професорката Валентина Вучиниќ.
Првото место за најдобро индивидуално дело го освои деветтодделенката Клаудија Петковска од ОУ „Кочо Рацин“ од Куманово, чиј ментор беше Далибор Јовановски. На второто место заврши делото на Наја Демировиќ од ОУ „Алија Изетбеговиќ“ во село Батинци, чиј ментор беше Џенан Ризвановиќ, а трета беше Елена Стаматовска од ОУ „Јан Амос Коменски“, чија менторка беше Даниела Илиевска-Стојчева.