ВЕНЧАЛНИТЕ ПРСТЕНИ ПОТЕКНУВААТ ОД ВРЕМЕТО КОГА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ГО ОСВОИЛ ЕГИПЕТ, ПРВО ГИ НОСЕЛЕ САМО ЖЕНИТЕ

САД, (Хистори фактс)

Различни култури придонеле за историјата на венчалниот прстен, од неговите древни почетоци до релативно неодамнешното појавување на размената на прстени, што е популарно денес.

Се верува дека старите Римјани биле првите кои користеле венчални прстени на начин налик на современиот обичај, иако размената на прстени како симбол на вечноста и љубовта датира уште порано, од антички Египет и Грција. Меѓутоа, римските свадби не биле како денешните. Браковите честопати биле помалку за романса, а повеќе за семејни сојузи и имот. Откако бил потпишан брачен договор и се правела гозба, имало поворка до новиот дом на двојката, каде што невестата била пренесена преку прагот. Тогаш младоженецот ѝ давал на невестата прстен како јавно признание за нивната врска и знак дека таа сега е дел од неговото домаќинство.

Римјаните прво користеле бакар и железо за прстените, а почнале да го фаворизираат златото околу третиот век. Во побогатите домаќинства невестите често ги имале и двата: еден прстен, обично направен од железо, за дома и друг, златен прстен за во јавност. Венчалниот прстен се носел на четвртиот прст од левата рака, обичај заснован на верувањето дека „вената на љубовта“ го поврзува овој прст директно со срцето.

Иако Римјаните биле првите кои ја формализирале употребата на прстени за свадбена церемонија, се верува дека тие се инспирирале од древната грчка и египетска култура. Откако Александар Македонски го освоил Египет во 332 година пред нашата ера, Грците го прифатиле обичајот да се даваат прстени како знак на љубов.

Едностраната размена на венчални прстени опстанала со векови, сè до Втората светска војна: мажот ѝ давал прстен на жената, а таа нему не.

Во 1940-тите, додека семејните вредности и стабилноста биле нагласени во неизвесноста на Втората светска војна, стапката на бракови пораснала во САД. Продавачите на накит ја искористиле шансата да промовираат машки венчални прстени. За време на Втората светска војна, многу мажи носеле венчален прстен како утешен потсетник за нивните сопруги и семејства дома. До крајот на 1940-тите, околу 80% од двојките во САД си давале прстени на свадбените церемонии. Општествените норми исто така почнаа да се менуваат и како што бракот сè повеќе се сметаше за партнерство на еднакви, церемониите со размена на прстени станаа норма и остануваат такви и денес.