Често се случува двајца ликовни уметници да имаат заедничка изложба на слики, но реткост е тие тоа да бидат татко и ќерка. Ваква една изложба на слики, на која се претставија таткото, сликарот Александар Настески и ќерката сликарка и графичарка Ивана Настески од Тетово, се отвори во галеријата „Метаноја“ во Скопје.
Изложените дела на Александар Настески (1948-2022) го опфаќаат неговиот последен творечки циклус кога своето внимание го посветува на истражување на „Карпестата уметност“ ( „Рок арт“) и на „Вечните симболи“ на човекот, кои сознанија и откритија ги пренесува на сликарското платно создавајќи своја визија за вечноста и уметноста од праисторијата па се до денес.
Изложените слики на Настески за првпат се прикажуваат во Македонија, а својата промоција ја имаа во Италија на еден од најголемите конгреси посветен на „Карпестата уметност“ кој се одржа во 2018 во италијанското место Вал Камоника.

Уметноста пак на ќерката Ивана Настеска е изразена преку графиката каде во повеќе наврати ја обработува и темата на таткото Александар, но тоа го прави од еден свој специфичен агол, кој е автентичен и препознатлив графички израз ма нејзиното ликовно творештво.
Коста Милков, еден од промоторите на изложбата, ќе истакне: „Делата на Александар и на Ивана, преку овие слики, секој од нив го доловува ‘духот’ на своето творештво. Таткото Александар уметноста ја црпи од космогониските длабочини и архетипските митови, додека уметноста на ќерката преку графичкиот јазик создава сопствен примордијален свет и двајцата сведочејќи за уметност која е продолжување на самиот живот“.
З. АНДОНОВ
(Фото: Ивана Настески и Нада Милкова, директорка на Галеријата „Метаноја“)