ЖАЛНО Е ШТО СПОМЕНИЦИТЕ ЗА НОБ НЕ СЕ ОДРЖУВААТ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ ФОТОГРАФ МАРК ШНАЈДЕР ПО ИЗЛОЖБАТА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК,МК)
????????????????????????????????????

Спомен-костурницата во Велес се покажа во едно сосема ново руво, откако беше домаќин на мултимедијален настан, организиран од Задруга 5060“. Публиката виде концерт на рок и на електронска музика, изложба на фотографии, се прикажа документарен филм.

Еден од учесниците беше Марк Шнајдер од Германија, фотограф кој го документира духот на некогашните југословенски простори и го архивира уметничкото наследство на социјализмот. Неговата изложба потсети на веќе подзаборавени монументални споменици.

„Велес е совршено место, каде што можам да ги претставам моите фотографии. Не можев да претпоставам дека внатре има таков велелепен мозаик. Спомениците за НОБ се вистинска уметност. Тие се доказ за слободата во изразувањето, позитивни, наспроти тие од Советски Сојуз, кои се клише, со крената рака. Ги истражив сите споменици од поранешната држава. Словенците ги имаат обновено и ги чуваат, за разлика од Хрватите и на Косово. Обележјето во Велес е одлично сочувано“, вели Шнајдер.

Тој трипати минувал низ Велес и Спомен-костурницата му го привлекла вниманието. Токму затоа, со група вљубеници во алтернативната уметност, го организираше овој настан и го оживеа овој мртов простор. Дури и ја осветлија, бидејќи таа е во мрак со години.

П. Печков