Легендарната серија од 80-те години од минатиот век, „Династија“, повторно се врати на телевизиските екрани, но сега со нова актерска екипа и малку поинаква од онаа што се емитуваше пред триесетина години. Првата епизода беше прикажана во средата, а продуцентите на серијата се Џош Шварц и Стефани Севиџ, кои беа продуценти и на популарната тинејџерска серија „Озборувачка“.
Во новата „Династија“ повторно дејството ќе се одвива околу двете богати фамилии Карингтон и Колби кои сѐ уште се во „војна“. Приказната ќе биде раскажана од аголот на Фелон Карингтон, ќерката на Блек Карингтон, која ќе биде во постојан конфликт со младата вереница, а потоа и жена на нејзиниот татко, Кристал Флорес.
Како и во оригиналната „Династија“ и овој пат Алексис, поранешната жена на Блек, ќе се појави по неколку епизоди. Тогаш Алексис, која ја глумеше Џоан Колинс, се појави дури во 12 епизода.
„Династија“ која тогаш ја креираше Арон Спелинг, се прикажуваше на телевизијата „Ен-Би-Си“ од 1981 до 1989 година.
Серијата беше номинирана за наградата „Златен глобус“ за најдобра телевизиска серија од 1981 до 1986 година, а наградата ја доби само во 1983 година. Првата епизода на „Династија“ на просторите на тогашна Југославија беше прикажана на 25 јуни 1984 година.