По игра на случајноста 13-ка е бројот на собата од изгорениот дом „Копанки“ на Пелистер чиј што клуч е зачуван до денес. Ова е последниот сувенир останат од познатиот планинарски дом кој што изгоре во голем пожар пред четири и пол години. Клучот го зачува битолчанецот Велчо Петровски-Папал, сопственик на позната битолска компанија за аранжирање, а му изработи дури и брава и потпора.

Петровски раскажува дека клучот дома го донел неговиот син откако имал среќа со другарите да ја преживеат пламената ноќ на 28 јануари 2013 година кога домот изгоре.

„Петмина млади битолчани, меѓу кои и син ми, кога се случи пожарот престојуваа во ‘Копанки’. На време успеаја да го напуштат домот. Таму им изгореа лаптопите, скијачката опрема, а син ми во цела бркотница, успеал несвесно да го стави во џебот клучот од собата со број 13. Одлучивме да го зачуваме како сувенир кој ќе не потсетува на омиленото место на многу битолски генерации кое денес го нема“, изјави Петровски.

Познатиот планинарски дом изгоре во голем пожар пред четири и пол години. (Фото: СДК.МК)

Домот во зимата пред четири години беше даден под концесија на приватник. Дента пред пожарот имаше техно забава, вечерта домот беше пол гости, а пожарот избувна од котелот за парно. Изгоре до темел, никој не понесе одговорност и до денес не го обнови иако многумина политичари тоа го ветуваа.

Ж. ЗДРАВКОВСКА