Златото е сѐ уште голем бизнис во Дубаи. Таму се реализира 25% од светската трговија на овој драгоцен метал.
Дубаи никогаш не ја криел својата љубов кон златото и затоа не треба да чуди што тоа таму се консумира во буквална смисла на зборот.
Еден од најпрестижните хотели во градот „Бурџ ал Араб“ е украсен со 1.790 квадратни метри 24-каратно злато и тоа може да се најде дури и зад барот на 27. спрат, во капучино и коктели.
Ова расфрлање со злато и нема некоја смисла. Вистината е дека тоа нема никаков вкус.
„Златото е синоним за луксуз, до ниво на декаденција“, вели Етјен Аро, извршен менаџер за храна и пијалоци во „Бурџ ал Араб“.
Увезено од Италија и Индија, хотелот годишно троши 700 грама злато за консумирање. За таа намена, тоа обично има форма на снегулки, ливчиња или прашина. Биолошки е инертно и безбедно за консумирање, иако без вкус.
„Дијаманти се тешки за џвакање, па е полесно да се става злато во коктели“, се шегува Аро.
Во менито има најразлични пијалоци во кои се додава злато, а најпознат е коктелот „елемент 79“, именуван според атомскиот број на златото, кој, меѓу другото, содржи безалкохолно вино со златни снегулки и златни парчиња шеќер.
Редовни гости можат да порачаат и торта целосно прекриена со злато.
Професорката Барбара Сантич вели дека златото не додава никаква гастрономска вредност на јадењето.
„Тоа е сѐ во умот. Дискретно додавање злато би било убаво, но кога секој оброк доаѓа со злато, тогаш е премногу“, смета таа.
„24 карат“, италијански ресторан во хотелот „Мериот“ во Дубаи, нуди можност за додавање злато во секое јадење, дури и во пица, бургер и салата.