ЕЈЧ-БИ-О ЈА НАЈАВИ ПРВАТА ОД НОВИТЕ СЕРИИ ИНСПИРИРАНИ ОД „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Ејч-Би-О нарача пилот-епизода за првата од неколкуте нови серии, што временски ќе ѝ претходат на „Игра на тронови“.

Новата серија ја прави авторот на книгите Џорџ Р. Р. Мартин, заедно со британската сценаристка Џејн Голдман. Дејството во оваа серија ќе се случува илјадници години пред да почнат борбите за Железниот трон.

Извршните директори на ТВ-мрежата велат дека ниту една од новите серии нема да почне да се емитува пред да заврши „Игра на тронови“, чија последна сезона е најавена за наредната година.

„Оваа серија ќе го следи времето од златното Доба на херои до најтемните моменти на светот. Од страшните тајни на историјата на Вестерос, преку вистинското потекло на Белите шетачи до мистериите на Истокот и легендите за Старкови…, тоа не е приказна што мислиме дека ја знаеме“, се вели во соопштението на Ејч-Би-О.

Доба на херои често се споменува во книгите од серијалот „Песна за мраз и оган“, но не играше улога во дејството во „Игра на тронови“.

Статусот на другите три нови серии засега не е познат, но од Ејч-Би-О велат дека нема со сите да се почне во исто време.